„Мини Шенген“ добива ново име

Новото име на регионалната иницијатива која досега неформално беше нарекувана „Мини Шенген“ ќе биде објавено денеска, на Економскиот форум за регионална соработка во Скопје.



Српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама се во дводневна посета на Скопје, по повод главниот настан што ќе се одржи денеска во соработка со стопанските комори – Економскиот форум – кој веќе го доби епитетот „настан од исклучително значење“, во време кога земјите се соочуваат со бавен напредок или одложување на нивното пристапување кон ЕУ.

„Соработката помеѓу нашите три држави на граѓаните им носи огромни придобивки, а ќе најавиме нови иницијативи, ќе го објавиме името на овој нов балкански развој и ќе ја интензивираме соработката со потпишување на три договори од заеднички интерес“, најави премиерот Заев.

„Не сум сигурен колку сите ќе бидат пресреќни поради тоа во светот и Европа, но ние ќе бидеме среќни“, порача синоќа од Скопје претседателот на Србија,Вучиќ.

Во посебен, свечен дел од Форумот, ќе бидат потпишани два меморандуми за разбирање и еден меѓудржавен договор, што, според организаторот, „во голема мера ќе го олесни животот на граѓаните и деловната заедница на Западен Балкан“.

Соговорниците имаат заеднички планови за развој на зелената агенда, идеи како да ја искористат индустријализацијата на своите земји за да привлечат поголем број инвеститори во единствен пазар на трудот, што ќе ги зајакне националните економии и ќе обезбеди подобар животен стандард на граѓаните. За тоа ќе се говори на Форумот на кој ќе бидат присутни претставници на повеќе од 300 компании од Албанија, Србија и Македонија и други земји од регионот, како и претставници на меѓународни институции, пренесе Дојче Веле.