Поранешниот министер за надворешни работи на Македонија и досегашен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, ја прокоментира прославата на двегодишнината на Преспански договор.
„Т.н. прослава за договорот од Нивици беше еден евтин театар. Прво, прослава не се прави без народ. В ред, тие можат да кажат поради пандемијата немаше, но свесни се и Димитров, и Заев, и сите нивни соработници дека, ако некаде се обидат во македонско населено место да направат прослава за договорот од Нивици, нема да поминат славно.
Вториот парадокс на оваа ‘прослава’ е: ако Заев и Димитров потпишаа спогодба за стратешка соработка меѓу Македонија и Грција, тогаш прашувам дали не можеше еден грчки премиер или министер за надворешни работи, или негов заменик, или министер без ресор од Атина барем на еден час да дојде и заедно со стратешките сојузници Димитров и Заев да го прослави договорот? Гледаме дека ние славиме нешто што тие не го слават. Димитров и Заев славеа само едно себепонижување, за жал понижување на народот, можеби не нивно лично.
И трето, се прославува и се тврди дека со договорот македонскиот јазик сите го признаваат, ќе правиме центар во Љубојно за македонски јазик. Тогаш зошто ако Грција, како што тврди Заев, ни го признава македонскиот јазик и, како што тврди Димитров, тоа веќе не е спорно, зошто не се направи еден заеднички центар на Македонија и Грција во Нивици или во Лерин за изучување на македонскиот јазик? Зошто грчките граѓани во Лерин или во Воден еднаш неделно да немаат факултативна настава на македонски јазик?
Конечно, што ме изненади непријатно по толку понижувања и сервилности, ми недостигаше во тоа друштво поранешниот пратеник Крсто Мукоски. Тој гласаше за нив, тој беше заедно со Димитров, ја отвори вратата кон НАТО и кон ЕУ, гласаше за смена на Уставот, а претходно ја пееше македонската химна. Навистина е нефер што Димитров заборавил да го покани Мукоски ‘славна’ прослава“, рече Милошоски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа.






