„Не е добро да се има Обвинителство под контрола на власта, но не е добро да се има и Обвинителство надвор од контрола на кого било“, изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски во врска со случајот за кој веќе се притворени две лица и ѝ беше одземен телефонот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.
Тој вели дека СЈО наместо да биде контролор излегол надвор од своите надлежности и „станал партнер во криминални дела и корупција“.
„Во ова дејствување каде што прислушкуваните материјали биле злоупотребувани за бизнис рекет, а самата конструкција на тие материјали била наменета за политички уцени, е нешто што не смее да се случува да помине несанкционирано“.
Пратеникот смета дека главниот нарачател кој давал одредени инструкции како да се постапува и да се злоупотребува моќта на СЈО и на материјалите кои што се во нивни посед, како што тврди тој, е дел од владејачката структура.
„Според мене, главниот нарачател е надвор од Специјалното јавно обвинителство, но тоа го оставаме на истрагата во овие недели пред нас“, вели Милошоски, пренесува ТВ21.





