Комисијата за прашањата на изборите и именувањата не може да дава предлози за персонален состав на другите собраниски комисии, бидејќи Собранието претходно на парламентарна седница не донело одлука за нивно основање и за дефинирање на надлежностите.



Поради ова денеска, само што почна, беше прекината седницата на оваа Комисија на барање на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ки побараа пауза за консултации.

Ставањето на Комисијата над Собранието, според нив, е кршење на Деловникот за неговата работа.

„Ексклузивно право за основање, број и надлежности на постојани работни тела има само Собранието преку парламентарна седница. Не може без донесена одлука на Собранието за бројот на комисии односно работни тела, за нивните надлежности и бројот на членови на овие работни тела, која било друга комисија да нуди предлози за нивно пополнување”, вели Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на член 118 од Деловникот за работа на Собранието.

Според него, собраниското мнозинство 40 дена не успеало оваа едноставна и многукратно претходно донесувана  одлука, само да ја повтори. 

„Ниту еден претходен претседател на Собранието, вклучително и актуелниот, не направил преседан да ја стави Комисијата за избори и именувања на повисок ранг од самото Собрание, ниту пак претседателите на оваа комисија, а се менувале многу во текот на годините, не си зеле за право без донесена одлука за формирање на постојните работни тела и нивната надлежност да заседаваат и да му предлагаат на Собранието членови за неформираните комисии”, вели Милошоски.