Петнаесетина амбасадори избрани да заминат и да ги пополнат испразнетите амбасадорски места во македонските дипломатско конзуларните претставништва во странство, денеска, пред Комисијата за надворешна политика ги претставуваат платформите и дипломатските активности што ќе ги преземат по заминување на мандат.
Тие беа именувани на почетокот на годинава но поради корона-кризата заминувањето во ДКП-ата беше одложувано.
Претседателот на Собраниската комисија за надворешна политика Антонио Милошоски, пред почетокот на седницата вели дека Македонија праќа многу непријатна политичка порака кон многу битни земји во светот, кои се и наши пријателски земји со тоа што во истите земји долги години нема испратено амбасадори, што е дипломатски гест еднаков на недоволно почитување.
„Скандалозно е што и по 2 години немаме амбасадори во Вашингтон и Отава, двете од клучните НАТО членки, со голема македонска дијаспора. Околу 3 години сме без амбасадори и во срцето на дипломатијата како Обединетите Нации, а празни се и амбасадите во Москва, Пекинг, Њу Делхи и Рим.
Дури 4 години сме без амбасадори во пријателска Хрватска и во Египет, која е нашата единствена амбасада на африканскиот континент.
Со Бугарија имаме битни политички прашања, но и економски интереси, но немаме амбасадор.
Празни се, за жал, и амбасадите и во Белгија, Турција и Бразил, единствената македонска амбасада во Јужна Америка.
За односот на Македонија кон Израел говори и 3 години празната амбасада во Тел Авив“, вели Милошоски.






