Милошоски: Фрчкоски беше одбиен за амбасадор во САД од висок претставник на Стејт департментот

Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, Антонио Милошоски, откри дека ланскиот предлог Љубомир Фрчкоски да биде амбасадор на Македонија во Вашингтон бил одбиен од висок претставник на Стејт департментот.



„Имате еклатантно кршење на дипломатскиот кодекс и кандидат за Обединетите нации ви е човек којшто официјално е одбиен од Вашингтон како неподобна личност за амбасадор од Америка. Претседателот Пендаровски многу добро знае, како и поранешниот премиер Заев, дека Фрчкоски е одбиен од официјален Вашингтон откако е донесена одлука на затворена седница на Владата за да биде кандидат за амбасадор, за што тој веќе и примаше честитки. Потоа е одбиен од висок претставник на Стејт департментот и тој разговор многу добро го знаат и претседателот Пендаровски, и поранешниот премиер, и сегашниот министер за надворешни работи. И кога имате човек којшто е одбиен од Вашингтон со многу сериозни причини, Пендаровски исто така ги знае причините, тогаш е невкусно таквиот човек да го испраќате за амбасадор во Обединетите нации повторно на територија на државата што еднаш го одбила и каде што членуваат петте земји од Советот за безбедност – Америка, Русија, Кина, Велика Британија и Франција. Тој амбасадор ќе биде хендикепиран, Македонија нема да ги добива сите информации, за него во кулоарите ќе зборуваат дека е амбасадор што Америка го одбила да биде претставник во Вашингтон. И затоа сметам дека Собранието, како контролен механизам, има уставна надлежност одредени погрешни потези и чекори на извршната власт да ги корегира. И сметам дека ќе беше многу подобро ако Владата најдеше посоодветен кадар за амбасадор во Обединетите нации. Мислам дека и во самото МНР, но и во самите СДСМ, ДУИ или кои и да се политички фигури има многу поспособни и подостоинствени луѓе за да бидат амбасадори во Обединетите нации“, изјави Милошоски во „Тема на денот“ на Сител ТВ, наспроти тврдењето на Пендаровски дека Фрчкоски не бил одбиен од Вашингтон.