Пратеникот Антонијо Милошоски на Фејсбук му се обрати на австрискиот амбасадрор Георг Вуцас, кој лично станал сведок на (не)правната држава и проблемите кои дел од странските фирми ги имаат со владеачките бизнис кланови во Македонија.
„Сепак, почитуван амбасадоре, треба да знаете дека оваа состојба делумно се должи и на тоа што долго време, неколку амбасадори од други ЕУ членки, ги толерираа незаконитостите на власта, молчеа при фамилијаризацијата на дел од правосудството и беа глуви при честите злоупотреби на процедурата “ЕУ знаменце” за бизнис потребите на група функционери. Тоа власта ја направи многу арогантна.
И да, Австрија е респектабилна држава и верувам дека фирмата “AMMA Import Export” со помош на вашата јавна ургенција ќе успее да си го наплати својот долг.
Но, ова Ваше непријатно искуство нека биде поттик за момент секој ЕУ амбасадор во Македонија да се подзамисли со какви рекетирања и притисоци се соочуваат многу домашни фирми чија работа не е “по мерка” на владеачките бизнис кланови.
Затоа почитуван амбасадоре Вуцас, се надевам дека Вашиот повик за владеење на правото ќе биде апел и за многу македонски фирми кои нема кој да ги брани, а заради изгубената доверба нема ни институции пред кои тие би собрале храброст да се пожалат“, му порача Милошоски на Фејсбук.







