„Дигестивниот систем на Македонија, за жал или за среќа, 32 години голтнал многу работи.
Но, може ли амбасадорот, Владата во Хаг, владата во Скопје или некој друг да гарантираат дека ова ќе биде последен пат како македонските граѓани ќе треба ‘да го затнат носот и да го голтнат’ невкусното барање за уставните измени?!
Или после него, за 2 години ќе дојде друг амбасадор кој со ‘oперил’ или со ‘фиксоназе’ пак ќе ни го прочистува носот за следните невкусни барања во низа?!
Ова е дел од реакцијата на пратеникот и поранешниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски на изјавата на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп според кој уставните измени „мора да се проголтаат, иако смрдат“.
„Заедничките цели за продлабочување на соработката и за забрзување на интеграцијата на Македонија во ЕУ, не би требало да е причина за ничија дрскост, а особено не на дипломат од угледна европска држава, пишува Милошоски на Фејсбук.
Но, кога во разговорите со повеќе локални политичари ќе се навикнете на нивна сервилност, тоа ви доаѓа како допинг за егото, па од дипломат станувате “камшикар” и без почит кон народот делите цинични лекции што “мора да се проголта, иако смрди”.
Вака би можела да се оквалификува изјавата на холандскиот амбасадор Коп за тоа дека македонските граѓани требало – внимавајте „да го затнат носот и да го голтнат“ невкусното барање за уставните измени по диктат на Софија. Во спротивно ќе се случела кочница?!
Милошоски вели дека се согласува со холандскиот експерт за европски политики, Рајнер Јарсма, кој заклучува дека ваквиот настап на амбасадорот Коп е ироничен, доколку се знае дека токму Холандија беше една од земјите која најмалку еднаш ги одложи пристапните преговори на Македонија со ЕУ, уште пред Бугарија да ги испорача невкусните барања.
„Уште еден холандски дипломат, познавач на регионот и политички консултант, Ханс ван ден Берг, дури смета дека да не биле двојните стандарди од Франција, Холандија и Данска, и доколку официјално Скопје го добиело истиот третман како Бугарија, Хрватска или Романија, дека Македонија денес веќе ќе беше внатре во ЕУ.
И во оваа смисла, не е фер што немањето на политичка воља за брз прием на нови полноправни членки во ЕУ од страна на владата во Хаг, холандскиот амбасадоr го покрива со дрски лекции за голтање на невкусни барања, кои патем не се дел од Копенхашките критериуми. Наместо одмерена и јасна дипломатска порака, оваа негова изјава личи на навреда на интелегенцијата на еден мал европски народ, кој си го бара своето место под Сонцето. Некоја држава е поголема, некоја е помала, но тоа на никој дипломат не му дава за право со недолични изјави да ги прикрива неискрените ставови на неговата држава во врска со проширувањето на ЕУ“, реагира Милошоски.







