Антонио Милошоски вели дека најверојатно по бурните реакции во јавноста во изминатите неколку денови министерката за образование и наука Мила Царовска го повлекла предлог-законот за дигитализација на учебниците и тој нема да влезе во собраниска процедура.
Милошоски објасни дека предлогот е повлечен и засега не може да се започне со негова расправа.
„Ако не беше повлечен предлог законот ќе следуваше свикување на Комисија за образование и почнување на расправа по истиот предлог закон, за потоа истиот да стигне до пленарна седница за да се усвои или да не се усвои. Меѓутоа бидејќи сега е повлечен, тоа значи дека Владата се откажува од предлогот кој го доставила“ – објаснува Милошоски, за „Слободен печат“ додавајќи дека Владата сепак има право одново да го испрати овој закон во собраниска процедура.
Од Сојузот на средношколци вчера нагласија дека се против дигиталните учебници. Според нив, дигитализацијата е добар чекор напред, но бараат воведување на белгиски модел на дигитализација на образованието каде родителите и учениците сами ќе одберат дали ќе учат од печатен или електронски учебник.







