Милосављевиќ: Насанкувањето на премиерот не е главниот проблем

Пишува Драган Милосављевиќ



Премиерот го насанкале, па што? Не е тоа главниот проблем!

Не е тоа главниот проблем! Премиерот го „насанкале“ двајца професионални „пранкери“, луѓе кои добро знаат не само што прават, туку и зошто и на каков начин тоа го прават.

Не е ни прв, пред него паднале еден Макрон и еден Ердоган, та не попусто на пресконференцијата со нескриена гордост порача дека се нашол во одбрано друштво, а секако нема да биде ни последен бидејќи господата Кузнецов и Столаров сигурно одамна имаат цел спиок со нови жртви за подбишега и насамарување, од кои на некој ќе му биде само смешно, а некој ќе посака да пропадне в земја и таму да остане се додека сите некако не го заборават.

О да, шефот на Владата излегол наивен, се расприкажал и за што треба и за што не треба, како свој со своите делел полигони за воени вежби, делел и броеви на американски функционери, делел дури и добри идеи за поткуп на живи светци, бидејќи кој знае, можеби и еден Вартоломеј за сто илјади евра е подготвен да се потпише на Томосот и да усреќи со својот потпис цел еден напатен и онеправден народ, па зошто тогаш водачот на тој ист народ да не се обиде малку да му ја поттурне раката во саканиот правец и да му го накваси перото со вистинското мастило?

Но не е тоа главниот проблем. Во секојдневната борба со Сцили и Харибди, со подмолната опозиција и малкуте ама сепак дрски и безобразни критички настроени новинари, со лакомоста на соработниците, со нечесниот однос на соседните земји, со непринципиелноста на ЕУ и со галопирачката сиромаштија на народот, не е невозможно премиерот да се уморил, да изгубил концентрација и да се јавел во погрешно време на погрешен повик.

Мислам дека е во право кога вели дека му е жал и дека би сакал да не му се случел таков срам, зошто да не заборавиме сепак дури трипати во рок од неколку месеци едни и исти шегаџии го обработувале како мало дете.

Се разбира дека не му било пријатно кога разбрал што му се случува и уште повеќе кога сфатил дека истото го разбрала и целата јавност, која по навика, бара одговори како ли тоа можело да му се случи на неспорниот шеф на Републиката од кого се очекува малку повеќе од ова дилетантско „телефонско озборување“?

Но не, не е тоа главниот проблем. Она што би требало сите да не зачуди, а и да не стаписа истовремено, е фактот дека оваа држава не функционира дури и на основно, би се рекло базично и формално ниво.

Се покажува дека не се почитуваат никакви правила и протоколи, во Владата и во министерствата мора да оскудуваат со какви било професионалци кога не се нашол ниту еден од мајка роден за да му каже на премиерот дека не се водат туку така разговори со странски претседатели и со генерални секретари на Воени алијанси, дека постојат процедури, дека се водат записници, дека се подготвуваат извештаи и потоа тие извештаи се испраќаат на релевантни места за други фиљан луѓе да ги прочитаат и од нив да извлечат соодветни заклучоци.

Па само да се почитувале основните правила на службата, Заев во најдобар случај ќе бил насамарен само еднаш а не трипати и немаше да има потреба среде лето цел час да се препотува и да објаснува пред купот крвожедни медиумски работници колку му е жал и колку се кае поради она што му се случило.

Тоа е, господо, главниот проблем, Македонија нема кадри, нема луѓе со три чисти на вистински позиции, нема професионалци кои знаат што и како треба да се направи во секоја околност, а особено кога политичарите се збунети, уморни или невешти во справувањето со секојденвните државнички проблеми.

И тажната вистина дека само си играме држава а во реалноста со таа иста божемна држава можат да си прават што сакаат двајца обични неранимајковци од далечната Русија, не може да биде сокриена од еднакво неспособниот владин Пи-Ар, од дилетантите и аматерите кои целиот срам се обидуваат да го покријат со глупости од типот дека „мрачните сили и нивните слуги“ сакале да ги уништат доброто и „светлината“?

Какви мрачни сили и каква светлина побогу, премиерот издава државни тајни и се „кара“ со регионални и светски велесили на несигурна телефонска линија, а на пропагандниот апарат се што му текна да каже во негова одбрана е дека „мрачните сили ја напаѓаат светлината“?

Сериозно ли? Па како ли ви текна? Но неспособноста и незнаењето на владината пропаганда е сепак само проблем на актуелната власт која ги плаќа за нешто за кое очигледно не се дораснати, додека неспособоста и незнаењето на тимовите задолжени за сигурноста на протоколот и за заштита на државните тајни (но и достоинство) се проблем на сите граѓани, бидејќи поради вториве смешна излегува целата земја, а не само премиерот.

А за таканареченото цивилно, невладино друштво кое побрза да залае во обрана на неодбранливото, исто како и за кучето во чамецот, нема зошто ниту да зборуваме.