Без да се повторувам за причините, според мене крајно нелогични па дури и опскурни, поради кои бугарските власти ни го прават ова што се случува сега, мораме да бидеме фер и да истакнеме дека не се шегуваат и дека нивната дипломатија е феноменално уиграна, дисциплинирана и подготвена.
Додека Џамбаски испраќа пиромански пораки од типот: Македонија без Бугари, оган да ја гори! а Каракачанов силеџиски се слади на јавна сцена дека вето не ни бега, привлечната министерка Захариева нежно и љубезно поентира дека не е проблем само историјата.
Па каже: „Нашите забелешки не се само за историјата, туку и за напредокот на инфраструктурните проекти, како што е Коридорот 8. Секој што патува ја гледа состојбата на односите меѓу двете земји. Повеќе од година и пол чекаме на програмата за соработка од областа на културата и образованието, која ја испративме, но сè уште немаме одговор од нив. Само во областа на туризмот е постигнат напредок, но ова беше пред пандемијата на коронавирус. Овој напредок воопшто не е доволен“.
Значи, наместо ние да поентираме дека за Бугарија Договорот се сведува само на нивните историски лудила и заблуди, им оставивме тие да предупредуваат дека ние не сакаме инфраструктира, култура, туризам… како што е предвидено во другите членови на текстот.
Па можевме да ставиме некој асфалт плус во Паланка, да издадеме некоја книга плус од бугарски писатели, да викнеме и Бугари да си платат авион до Охрид како Холандезите и потоа ние да им треснеме дека ништо друго не ги интересира освен плеткање во нашата историја, ама не, ние успеавме сами да си дадеме автогол во ситуација кога губиме 2:1 во 93 минута.
Драган Милосављевиќ





