Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков порача дека Македонија нема рок за да го спроведе францускиот предлог.
„Кога ќе го исполни – тогаш ќе се отвори првата фаза од преговарачкиот процес“ изјави во интервју за бугарската национална телевизија БНТ Милков мислејќи на условот мнакедонските граѓани со бугарска самосвест да бидат впишани во преамбулата на македонскиот Устав.
Тој изрази загриженост за како што рече, зголемените тензии во македонско-бугарските односи.
„Се надевам дека ќе се вразумат во однос на фактот дека треба да размислуваат за европската перспектива. Топката е на нивен терен. Немаат рок за спроведување на францускиот предлог. Кога ќе го исполнат, тогаш ќе се отвори првата фаза од преговарачкиот процес“, рече Милков.
Пред десетина дена Милков упати серија критики на македонска адреса:
„Сè повеќе гледаме дека се работи за ескалирачки тренд на проблеми, на напади врз бугарски институции, поминаа ситуациите во кои таму беа нападнати бугарски клубови и бугарски организации, а сега бугарската држава од вчера стана предмет на слични напади.
Во услови на оваа неказнивост, која дивее и владее таму, оваа работа е поттикната во пракса од атмосферата што е создадена и од неподготвеноста на македонската влада и македонските институции да покажат дека вака не може“, потенцира Милков.






