Милитантите на Хамас влегоа во Израел од Газа по копно, море и воздух користејќи параглајдери, изјави портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), потполковник Ричард Хехт на брифинг за медиумите.



Тој рече дека борбите се водат на многу места.

Хехт одби да одговори на прашањата на новинарите дали Израел има разузнавачки информации за тоа дали нападот ќе се случи.

Тој додаде дека армијата ќе повика илјадници резервисти.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во обраќање дојавноста соопшти дека Израел е во војна.

Во меѓувреме, израелската армија соопшти дека извршила воздушни напади врз Појасот Газа, два часа откако Хамас изврши изненаден ракетен напад од таа територија.

Најмалку 22 лица се убиени од почетокот на утринава масовен напад на палестинската милитантна организација Хамас врз Израел, соопшти израелската служба за итни случаи Маген Дејвид Адом, пишува Тајмс оф Израел.

Хамас соопшти дека заробил израелски војници во близина на границата со Газа.

На видеата објавени од милитантната група, најмалку тројца мажи облечени во цивилна облека може да се видат како држат под закана со оружје за кои тврдат дека се израелски војници.

Палестинското екстремистичко движење Хамас зароби повеќе од 35 израелски војници и доселеници, објавија израелските медиуми цитирани од Ал Арабија кои известуваат за ракетните напади и упадот на борците на Хамас во населбите на југот на Израел.

Според израелската телевизија Решет 13, палестинските екстремисти држат заложници во Офаким, на југот на Израел, според Ројтерс.

Израелските одбранбени сили одбија да ги коментираат овие наводи, пренесува Си-Ен-Ен и истакнува дека не може да ги потврди овие наводи.