Над два милиона лева или околу еден милион евра е сумата во граѓанското барање за отштета поднесено до Градскиот суд во Софија од роднини на македонските државјани што загинаа или беа повредени во изгорениот автобус на автопатот „Струма“ во Бугарија минатата година.
„Побарувањата се од името на 16 лица од 6 семејства. Меѓу нив се и наследниците на тројца од починатите, останатите се повредени. Побарувањата се заеднички против Агенцијата ‘Патна инфраструктура’ (АПИ) и претставникот на македонскиот осигурител – Националното биро на бугарските автомобилски осигурители. Ние сме децидни дека вината за трагедијата не е само во загинатиот возач на автобусот. Не негираме, грешка има, но влијание имаше и состојбата на патот. Возачот немал ориентација каде се наоѓа на коловозот, а тоа се докажа со експертизата на патот, за која инсистиравме да се направи и да се достави до Окружниот суд во Перник“, ги цитира адвокатите на роднините, Николај Димитров и Георги Радков, весникот „24 часа“.
Вештачењето на патната делница каде што се случи несреќата го изврши вештакот Коста Костов. Тој беше изнесен пред суд во понеделникот и судиите го прифатија, и покрај приговорите на претставникот на АПИ.
„Вештачењето констатирало два вида проблеми на делницата, откако вештакот извршил увид на 3 километри пред местото на несреќата. Се утврди дека патот е неправилно изграден и несоодветно одржуван. Одредени елементи од инфраструктурата се компромитирани. На места недостига средната линија на коловозот што при поминување преку неа со возилото создава звук, нема рефлектори. Т.н мачкини очи на заштитната ограда во делот од 3 километри пред несреќата или недостасуваа или, каде што беа присутни, имаа шест пати помала рефлексија на светлината од дозволените вредности. На места дури и обичното обележување е избришано“, велат адвокатите.
По прифаќањето на ова вештачење од судот во Перник, тие сега имаат дефинитивен доказ дека и патот не бил во добра состојба.
„И во самата предистражна постапка не беше истражена објективната вистина. Таму дошле до заклучок дека возачот е единствениот виновен. Тој загина, нема кој да инсистира да се бараат други причини, кои се еден вид дополнителни фактори за да се дојде до ваква тешка несреќа. Да, возел со неприлагодена брзина, свртел десно без да сфати каде се наоѓа зошто немалот нешто да му каже дека излегува надвор од патот“, додадоа адвокатите Димитров и Радков.
Наследниците на преостанатите 42 мртви и на други повредени сè уште не поднеле судски барања.
На 23 ноември 2021 година, 45 туристи од Македонија, меѓу кои 13 деца, загинаа во автобуската несреќа на враќање од Турција. Спасени се 7 лица. При ударот во заштитната ограда на автопатот, автобусот се запали и изгоре за неколку минути.






