Благоја Милевски останува селектор на фудбалската репрезентација на Македонија и во квалификациите за Светското првенство што ќе се одржи во 2026 година во Канада, Мексико и САД.



„Фудбалската федерација на Македонија, како и досега, ќе биде полна поддршка за селекторот Благоја Милевски и репрезентацијата. Се радуваме на новите предизвици и успеси. Длабоко сме убедени дека со голема страст и амбиција, селекторот и неговиот тим ќе продолжат да работат за напредок на македонскиот репрезентативен фудбал. Изминатите неколку месеци и натпреварите кои ги одигра македонската А репрезентација ни потврдија дека заеднички сме на вистинскиот пат. Во тимот се чувствува енергија и амбиција за нови големи резултати и уверени сме дека тоа е неверојатен мотив за работата во иднина“, е ставот на Управниот одбор на ФФМ.

Од 2021 година Милевски ги водеше „црвено-жолтите“ на 26 натпревари, на кои забележаа 9 победи, 7 нерешени и 10 порази.