Селекторот Благоја Милевски ја почна прес-конференцијата по дебаклот против Англија од 7:0 во Манчестер со извинување до нацијата за највисокиот пораз на фудбалската репрезентација на Македонија, но истовремено стави на знаење дека нема намера да се повлече од функцијата.
„Пред да почнам со пресот, сакам да ѝ се извинам на целата нација, во мое лично име и во името на играчите. Јас испраќам повик до играчите, јас одлучувам кој ќе игра, така што сакам да се извинам до целата македонска нација, посебно до оние кои дојдоа. Истовремено, голема благодарност и до нив затоа што допатуваа да нè бодрат на овој терен.
Се случуваат и вакви лоши моменти, мора да преземеме сите одговорност, но јас немам карактер да се откажам веднаш. Не сакам да сме силни кога ќе дојдат убави и победнички моменти, туку во вакви тешки моменти. Мора сите да ја поправиме нашата слика и да бидеме подобри“, изјави Милевски на „Олд Трафорд“.
„Играчите на теренот се истите кои ја победија Италија. Селекторот е исто така ист. Што се случува во моментов и за причините е за подлабока анализа. Ама, ако избегам на првата потешкотија која ми се јавува во тимот, јас ќе бидам најголемата кукавица. Кукавички е да се повлечеш кога е тешко. Јас признавам дека целата одговорност е моја затоа што јас ги селектирам играчите, јас ги ставам на списокот и јас одговарам за тоа. Што и да кажете, што и да констатирате, сте во право, првата одговорност е моја. А, дека ќе се повлечам на првата потешкотија на тимот, никогаш. Не сум таков човек и тоа нема да го направам сам“, нагласи селекторот.






