Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, повторно ѝ го крена притисокот на официјална Софија, нарекувајќи ја Македонија жртва на Бугарија, која, според него, навикнала да го третира Скопје како некој за шутирање отстрана, а тоа, вели тој, не е в ред.
„Македонија навикнаа да ја третираат како side kick, некој што го шутираш отстрана и ако имаш некој внатрешнополитички проблем што не можеш да го решиш, тогаш секогаш можеш да удриш по Македонија. Тоа не е в ред“, одговори Милановиќ на прашање на новинар, додавајќи дека „таа држава и тој народ досега платија прилично висока цена“.
„Тие (Македонија – н.з.) играат многу примерно и според правилата, ги исполнија сите демократски правила што можете да ги замислите. Се покорија на грчките барања пред името Македонија да стават Северна. Конечно ги примија во друштвото на мртви поети и сега овој услов, кој навистина е влегување во интимен простор. Тоа не се прави во 21. век. Тоа апсолутно не е основа за утрешен соживот во Европската унија. За некои работи треба јавно да се проговори. Македонија тука е жртва“, додаде шефот на хрватската држава.
Според него, Македонија е „жртва на недостиг од интерес, па, ако сакате, и на елементарна емпатија“.
Бугарското Министерство за надворешни работи вчера ја повика на разговор амбасадорката на Хрватска во Софија и побара од неа објаснување за изјавата на Милановиќ на самитот „Брдо-Бриони“ дека „тоа што ѝ го прави Бугарија на Македонија е влегување во интимен простор“ и оти тој отворено ќе се спротивстави на тоа.






