Поранешниот почесен конзул на Македонија во САД, Џејсон, Мико, кој не ја крие својата аверзија кон лидерот на ДУИ, Али Ахмети, посакува некогашниот водач на ОНА да му се придружи на косовскиот претседател Хашим Тачи пред Судот за воени злосторства во Хаг.
„Навистина посакувам неговиот другар Ахмети да му се придружи. #Македонија“, објави Мико на Твитер покрај насловот на „Блумберг“: „Косовскиот претседател Хашим Тачи обвинет за воени злосторства пред посетата на САД“.
Специјалниот обвинител во Хаг поднесе обвинение од 10 точки против Тачи и други негови соборци од ОВК за дела сторени за време на војната со Србија пред повеќе од две децении, кои вклучуваат „убиство, присилно исчезнување на лица, прогон и тортура“. Тачи и другите обвинети се сметаат за „кривично одговорни за речиси 100 убиства“.
Ахмети, пак, требаше да одговара во Хаг за делото „Водството на ОНА“, како едно од петте оформени за воениот конфликт во 2001 година, но Судот ѝ го врати на Македонија заедно со уште три предмети, а таа подоцна прогласи амнестија што го опфати и првиот човек на интегративците.




