Насловот е преземен од колумната на Том Елис, главен уредник на англиското издание на грчкиот весник „Катимерини“. Елис смета дека „било кое договорено име мора да се користи како дома така и во странство“.
Тој, дополнително, им држи лекции на Македонците дека „поради практични и симболични причини, не би било корисно да се прифати да се користат две имиња, едно за дома едно меѓународно“ и дека „луѓето во БЈРМ ќе мора да ја прифатат суштината на промената на името – да го прифатат и да го користат сложеното име“.
Арогантноста на Елис очигледно нема граници. Постои израз за ова – „говор под принуда“. Уште еден добар израз би бил „национално самоубиство“. Елис на крајот реши да ја одигра главната карта за принудувањето на Македонија да си ги смени името и идентитетот – стабилноста на регионот.
Тој вели дека „ова е единствен начин да се спречат некои гадни изненадувања кои би ги нарушиле билатералните односи и, во некоја точка во иднина, би ја нарушиле и стабилноста на регионот“. Морничаво, ова отворање на прашањето на стабилноста се совпадна со појавата на неколку лица кои направија кариери со упатување и реализирање на закани: тука на прво место е добро познатиот терорист и убиец али Ахмети, лидерот на партијата ДУИ.
Тони Барбер од Фајненшл Тајмс во колумна објавена на 7 мај напиша дека „во Скопје неодамна разговарав со господинот Ахмети кој предупреди дека се што било постигнато со договорот од 2001 година може да биде попусто доколку Македонија не обезбеди членство во ЕУ и НАТО“. Со други зборови, Ахмети се заканува со нова војна ако Македонија не влезе во ЕУ и НАТО. Покрај заканите со насилство против Македонија, со кои се сака да се натераат Македонците да си ги сменат името и идентитетот, ги имаме распиштолените новинари и нивните улави изјави.
Премиерот Зоран Заев до неодамна, всушност до минатиот месец, велеше дека не сака да го смени Уставот, за овој месец да излезе со став дека неговата Влада работи „креативно“, велејќи им на новинарите дека „Мораме да водиме грижа и да бидеме креативни во изнаоѓање на решение за името“.
Од своја страна, и грчкиот министер Никос Коѕијас речедека постојат „многу алтернативи“, без да појасни кои се тие. Што значат овие изјави? Би можеле да значат дека македонската Влада, предводена од Зоран Заев, може да се обиде да протурка име и промена на идентитетот преку склучување на меѓународен договор, кој, според погоре спомнатите личности, е поважен од Уставот на земјата. Ова би била „креативноста“ за која зборува Заев.
Заедно со тоа, ги имаме најавите од Заев дека Македонија секако ќе мора да го смени Уставот пред да влезе во ЕУ, за да и предаде дел од својот суверенитет на ЕУ , и станува јасно дека Заев ќе притисне за промена на Уставот и покрај неговите претходни ветувања дека нема да го стори тоа. Според Катимерини, „дури и ако се постигне договор, ќе се соочиме со пречки за негово преточување во закон. Властите на БЈРМ планираат да го стават прашањето на референдум, а било која промена на Уставот на БЈРМ мора да биде одобрена од нивното Собрание, каде Владата на Заев нема апсолутно мнозинство.
Дипломатите на БЈРМ велат дека договорот ќе биде цврст бидејќи нивните судови досега ниту еднаш не решиле дека Уставот е поважен од меѓународните договорои“. Кога имаме „меѓународни договори“ кои се сметаат за посилни од Уставот, знаеме дека сме блиску до национално самоубиство.
Ако се навратиме назад на текстот на Елис за „менување на Уставот“ на Македонија, тој вели дека „секако нема да биде лесно да се постигне оваа цел. Актуелната коалициска Влада на БЈРМ го нема потребното двотретинско мнозинство за менување на Уставот. Исто така, некоја идна Влада или поинакво двотретинско мнозинство би можеле да го смени Уставот назад“. Оваа изјава ни укажува дека сите „меѓународни договори“ вредат колку што вреди хартијата на кои се напишани – односно ништо.
Елис стравува дека идните влади би можеле да го сменат Уставот, што секако е точно, но потоа им вели на читателите што би го „загарантирало“ договорот во догледна иднина.
Тој вели: „во врска со овие прашања, Обединетите Нации и ‘моќните’ сојузници и партнери кои, од различни причини, сакаат да го разрешат прашањето, би можеле да помогнат процесот да се придвижи напред ако го искористат своето влијание и обезбедат договореното име меѓу Атина и Скопје да се користи во сите случаи, како домашни, така и меѓународни. Овој договор ќе биде поткрепен од меѓународен договор кој ќе ги обезбеди дополнителните гаранции кои ги наведе премиерот на БЈРМ Зоран Заев“.
Ова е прилично тешка изјава – за „моќните сојузници“. Мислам дека сите знаеме што тоа значи. Преговорите сега продолжуваат со средбата на министрите на надворешни работи на 12 мај близу Атина, на маргините на Балканскиот самит, на која ќе присуствува и преговарачот на ОН Метју Нимиц. Се вели дека двајцата премиери ќе се сретнат на 17 мај во Софија, каде, според грчкиот портал Њуз 24/7, се очекува „да постигнат конечна согласност за спорот и да го разрешат ‘македонскиот проблем’“.
Македонската информативна агенција на 8 мај јави дека „конечниот договор за решавање на спорот.. се очекува да биде постигнат на средба меѓу премиерите на Македонија и Грција“ на 17 мај. Можеби треба да напишат дека се работи за „финално решение“ за Македонците.
Во колумната во Фајненшл Тајмс, Барбер исто така наведе дека „не сите влади во ЕУ се подготвени за отворање на преговори со Македонија“ и дека “во НАТО, некои не сметаат дека приемот на Македонија е приоритет“.
Оттаму, во реалноста, нема никакви гаранции дека Македонија било кога ќе се зачлени во НАТО или во ЕУ, независно од тоа каков договор ќе постигне со Грција. Тоа е затоа што грчката Влада и грчката елита се решени да го избришат македонскиот народ, нивната историја, култура, јазик и спомен. Прашањето што е пред нас, денес, е, дали ќе им дозволиме?
Пишува за свест.мк: Џејсон Мико





