Спротивставените табори во ДУИ се близу до надминување на несогласувањата благодарение на неспорниот авторитет на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, пишува весникот на албански јазик „Љајм“, повикувајќи се на извори во партијата.
Според нив, она што Али Ахмети не успеа да го направи, Мијалков сега успешно го прави, обединувајќи ги бунтовните крила во ДУИ, а во таа функција била и неговата вчерашна средба во хотелот „Мериот“ со секретарот на ДУИ, Артан Груби, кандидиран од партијата за „прв вицепремиер“ и министер за политички систем.
„Мијалков е почитувана фигура во ДУИ. Ако тој му дал поддршка на Артан Груби на вчерашната средба, нема син на мајка што ќе го тргне од функцијата вицепремиер. Ако не му дал, тогаш ќе биде префрлен на друга позиција“, потенцираат овие извори, според кои е сосема точно дека Груби вчера се сретнал со Мијалков.
„Само што ги соблече вратоврската и палтото и ги остави во хотелот. Се виде дека тој ја носи истата облека. Веруваме дека Груби и Мијалков и претходно имале состаноци, но објавената фотографија беше од вчерашната средба“, додаваат тие.
„Мијалков ја потврди фотографијата, но рече дека е стара. Но, во исто време кога беше објавена фотографијата, новинарите наидоа на Груби во ‘Мериот’, што беше премногу за да поверуваат дека тоа беше случајност. Груби образложи дека се сретнал со Фатмир Дехари (градоначалникот на Кичево – н.з.), но бидејќи Дехари не го виделе никаде, сомневањата само се зголемиле“, пишува „Љајм“.





