Обвинителството нема против Мијалков да излезе од притвор за 11 милиони евра гаранција

По информацијата дека денеска Кривичниот суд ќе одлучува дали Сашо Мијалков ќе излезе од притвор, поради понудена милионска гаранција, од Обвинителството и официјално потврдиле дека дале согласност да се брани од слобода, бидејќи понудил гаранција од речиси 11 милиони евра.



„Обвинителството ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози во вкупен износ од 10.871.170 евра е прифатлива за обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата“, изјавиле за „Фокус“ од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Во изминатиов период, додека е во притвор Мијалков, за него беа донесени две првостепени пресуди. За предметот „Таргет Тврдина“ кој се однесува на незаконскато масовно прислушување доби 12-годишна затворска казна, додека за случајот „Трезор“ кој се однесува на нелегална набавка на софтвер за следење на комуникации, судот му одреди 8 години затвор. Наскоро се очекува и уште една пресуда за случајот „Тортура“, кој се однесува на апсењето на поранешниот функционер Љубе Бошковски.

Ако гаранцијата биде и формално прифатена и потврдена, тоа значи дека Мијалков ќе излезе од притвор и ќе биде на слобода до правосилност на одлуките.