Залудни се надежите дека изборите во Бугарија ќе доведат до поволна промена за Скопје, вели професорот по историја и заменик-претседател на бугарската ВМРО-БНД, Милен Михов, во интервју за „Локално“.



Според него, нема време за чекање, бидејќи граѓаните на РСМ ја гледаат својата иднина во заеднички европски дом „заедно со своите браќа од Бугарија“.

„Едноставно, владетелите во Скопје треба да ги завршат домашните задачи. За жал, гледаме дека е поважно владејачката елита да остане на власт отколку да ги решава проблемите на луѓето. Поважно е да се управува отколку да се следи патот на европската интеграција“, смета Михов.

Околу шансите да се постигне договор меѓу Македонија и Бугарија до парламентарните избори кој претседателот Румен Радев ги закажа за 4 април, Михов вели:

„Мислам дека не е време за одмор, туку за работа. Во Скопје, се добро информирани и имаат нацрт анекс на договорот за пријателство. Сè зависи од РСМ, ако се подготвени да го потпишат анексот – вратите кон ЕУ се отворени. Еден од главните проблеми се потенцијалните тврдења за „македонското малцинство“ во Бугарија, кои продолжуваат да создаваат недоверба меѓу двете земји“, вели заменик-претседателот на партијата на Каракачанов.