Михајловски: Претседателе Пендаровски, па и не сме толку мали

(…)



„Видете со кои аргументи нè убедува претседателот Стево Пендаровски дека треба да се прифати францускиот предлог. Дека како држава со 1,8 милиони граѓани и 500 евра просечна плата не сме можеле да издејствуваме подобра преговарачка рамка.

Не е така“ – пишува новинарот Горан Михајловски во редовната колумна а порталот „Сакам да кажам“.

„Претседателот требаше да каже дека толку можеме со овој капацитет на политичари. Со овие политички елити што владеат со земјава последниве триесет години меѓу кои е и тој. Човекот кој на почетокот на мандатот рече дека кога не би бил претседател и тој би се отселил од Македонија. Врховниот командат кој се исплаши од 30 хулигани со камења па не се појави на закажано интервју на телевизија.

Па и Словенија е мала. И Естонија, Латвија, Летонија, Кипар… Малта пак, ептен мала. Ама, тоа е нашиот став кон животот воопшто –  чекај сега, мали сме, да не се налути некој, ај не прашувај многу, види дали може некој да помогне, да нè бутне, па ќе се туфкаме, ќе си ги кршиме прстите. И ќе викаме, ќути може да биде и полошо.

И после се чудиме зошто власта повеќе ѝ го бере гајлето на Европска унија, отколку нашето гајле. Ако е очигледно дека на Европјаните сега, со војната во Украина, толку им е важен и Западен Балкан, што не им рекоа нашите: „Дајте подобар предлог!“.

И сега, нема што да се чудиме кога таков дефанзивен став нè доведе до оваа ситуација на избор  помеѓу нестабилност со „Да“ за преговарачката рамка и нестабилност со „Не“ за преговарачката рамка. Па единствениот „прагматичен излез“ што се нуди е седнување на преговарачката маса со ЕУ земјите, да ги земеме парите од пристапните фондови и ако 27-те земји продолжат со бугаризација на пристапниот процес да ги напуштиме преговорите.

Тој „прагматичен излез“  има само една мала фалинка – во меѓувреме, помеѓу седнувањето на маса и евентуалното напуштање на масата, мора да се договориме кој ни е државниот интерес. Оти, црвениве линии нешто многу ни се растегнаа.

Во целата оваа лутина, фрустрација и разочараност од ЕУ заборавивме да се израдуваме на уште еден историски настан од светско значење. Македонското Собрание треба да го ратификува членството на Финска и Шведска во НАТО.

Гледаш, претседателе, па и не сме биле толку мали“.