Во врска со писмото на американската амбасадорка која е „загрижена и разочарана поради големиот број високопрофилни предмети кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење“ и дека „нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд, дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“ една новинарка го праша премиерот Димитар Ковачевски: До кога ќе нè толерира меѓународната заедница?
„Што има меѓународната заедница да нè толерира? – пишува во редовната колумна „Сакам да Кажам“ новинарот Горан Михајловски.
„Штом дома власта не чувствува притисок, баш ѝ е гајле на меѓународната заедница дали и кој нè краде. Однадвор ќе ни прават притисок да го менуваме Уставот, ако треба уште сто пати, за да обезбедат регионална стабилност, за тие да си немаат главоболки. А, за дома што ќе правиме? Како сте си избрале, така ќе си живеете.
Така што, прашањето не е до кога ќе нè трпи меѓународната заедница. Туку, до кога ние ќе трпиме оние што ги бираме и ги плаќаме за чесно да владеат, кога ќе дојдат на власт – да нè крадат. Па, ај што нè крадат, уште и будали нè прават.
И ни се смеат в лице – ве крадеме, ама за ваше добро“, пишува Михајловски.







