„Еврокомесарот за проширување Оли Рен во декември 2007, на прашањето кога Македонија ќе добие датум за преговори раскажуваше вицови за композиторот Јан Сибелиус. Кога во шест часот сабајле жената го прашала кога ќе си дојде дома, Сибелиус ѝ одговорил: „Драга моја, јас не сум претскажувач, јас сум композитор“.
Три години претходно, во 2004, министерот за европски прашања на Велика Британија Денис Мекшејн пред новинарите го извади часовникот и изјави: „Секоја земја има многу едноставен избор. Или го навивате вашиот часовник напред, или го враќате назад“.
Оли Рен сега е банкарски службеник во Финска. А Денис Мекшејн во 2012 одлежал затвор од шест месеци затоа што го фатиле дека приложувал лажни сметки за патни трошоци, па после напишал книга за затворот. Неговата земја веќе не е во ЕУ.
Децата во Македонија што се родени во годините кога разни европски емисари им кажуваа на нивните родители дека еден ден ќе бидеме во ЕУ веќе се тинејџери и планираат како да си заминат од земјата.
Многу европски политичари од тоа време се пензионирани, некои веќе не се живи. За Македонија останаа само истите ветувања. И истите фрази за европски вредности.
Празни зборови…
Фрустрацијата на македонските граѓанки и граѓани не доаѓа од тоа што не се дел од ЕУ, туку затоа што нè лажат евробирократите. И разочарувањето не доаѓа од тоа дека не сме дел од ЕУ, туку затоа што со секоја нова пречка од ЕУ, кај нас саатот се враќа сè поназад и поназад.
Ај сменете го името…
Колумна на Горан Михајловски за СакамДаКажам







