Значи, ако некој реши да сними филм за убиството на Ваташките младинци, тоа нема да биде забрането, но за да добие државна поддршка, или не смее бугарските администратори да се поврзуваат со фашизмот, или мора да биде смешен, за да го забавува народот – пишува новинарот Горан Михајловски во редовната колумна „Сакам да кажам“ .



Повод за колумната е зачудувачката изјава на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која препорача „ да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња каде што навистина не видовме ништо добро“.

„Да не се запоставуваат историските теми, ама во нив да бараме хумор“ – констатира Михајловски и „загатнува“ како би изгледал филм за 12 стрелани младинци во Ваташа што би го расположил и насмее народот.

„Па, во една варијанта филмот ќе има сценарио за животот на едно село во војна, кога дошле некои ослободители, ама момчињата биле незадоволни од ефикасноста на јавната администрација, па администраторите толку се налутиле што ги стрелале.

А, во другата, ведра варијанта може да помине и сценарио во кое се собрале дванаесет тинејџери, си раскажувале вицови за Бугари, вицовите биле толку смешни, што сами се убиле од смеење, од што им било пресмешно.

Или, ако веќе се „твори во духот на тоа што ќе го расположи народот“, може да се сними мјузикл за бугарската депортација на македонските Евреи, во кој авторот ќе прикаже како прогонетите го зачувале чувството на хумор, пеејќи весели песни додека се возат во товарните вагони на бугарската државна железница.

Ако Музејот на холокаустот во Скопје побара државна помош за организирање некоја манифестација, во програмата задолжително да се предвидат и вицови за гасни комори за „да се расположи народот и публиката…“, пишува Михајловски.