…
Резолуцијата на германскиот Бундестаг со која се признава македонската култура, идентитет и јазик не е потврда на нашето постоење. Никој од нас нема потреба од резолуција ни на сопствениот Парламент, а не пак од туѓи, за да се осигураме дека постоиме, пишува Горан Михајловски во редовната колумна „Сакам да кажам“.
„Ама – вели Михајловски – Резолуцијата на германскиот Парламент е многу важна за нашата претпоставена иднина во Европската унија. Нејзиното значење е во политичката поддршка што ни ја дава Германија во нашата битка со комшијата што ти вика дека не постоиш.
Едноставно е: бугарското Собрание изгласа Декларација дека македонски народ и македонски јазик не постојат. Германскиот Бундестаг изгласа Резолуција дека македонскиот народ и македонскиот јазик постојат.
Или, уште поедноставно: Германија прави пријателски гест на поддршка за Македонија, во истата таа Европска унија каде што Македонија има еден непријател, и тоа првиот комшија.
(…)
Да знаеле основачите на ЕУ уште во 1951 дека во 21 век некој во Европа ќе се занимава со прашања од 19 век, поврзани со негирање на правото на самоопределување, можеби ќе предвиделе инструмент во основачките договори за тоа да не биде можно. Ама ете, Бугарија со злоупотребата на силата на ЕУ, за да ја негира основната вредност на ЕУ, практично покажа што научила од лекцијата „Тие се внатре, вие сте надвор“.
Резолуцијата на германскиот Бундестаг сега нам треба да ни биде утеха што Европската унија падна пред бугарските глупости, вели Михајловски.







