Актерот Тони Михајловски објаснува што им се случува на македонските патриоти по ослободувањето пред 75 години, со кулминација во последните четири години.
„Борбата против сè што е македонско почнува од 1945 година. Таа е во континуитет, а денес го гледаме нејзиниот финиш, го доживуваме крајот на таа борба – распродавање на историјата. Инаку, милион примери од 1945 година навака: струмичките студенти, првиот претседател, сите први партизани од сликите ги нема, Голи Отоци, други луѓе на нивно место… Таа е борба против сè македонско, освестено, со национално чувство, со желба за борба за независна Македонија, слободна. И сега го доживуваме финишот. Финишот го испорачува Зоран Заев, заедно со Али Ахмети во последниве четири години и со сите негови коалициски партнери, но тој е првенецот на тоа. И во таа борба точно ова треба да се случува – треба да исчезнува сè што е македонско, посебно сè што буди емотивни чувства за припадноста, државноста“, вели Михајловски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ.
„Ние го браниме Гоце Делчев, а не сме го кастирале, не сме направиле да се појави неговиот лик во филм или во серија 30 години. Гемиџиите требаше да се појават (на филм – н.з.) за да го оправдаат својот споменик. Самоил требаше да се појави за да го оправда својот споменик. Филмовите за тие споменици ќе го оправдаа нивното постоење“, додава тој.






