Мицотакис: Западен Балкан во ЕУ до 2033-та

Да понудиме интеграција на целиот Западен Балкан во ЕУ до 2033 година – амбициозна, но остварлива временска рамка.



А, првиот чекор мора да биде одлука за две седмици во Брисел за деблокирање на патот на Северна Македонија и Албанија, пишува грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата колумна за „Политико“, посветена на ЕУ перспективата на регионот, јави дописничката на МИА од Атина.

Во колумната под наслов „Време е европското проширување да се врати на вистинскиот пат“, порачува дека „ЕУ мора да го исполни ветувањето од Солун за Западен Балкан“.

Мицотакис се осврнува на Солунската агенда од 2003 година за Западен Балкан и вели дека речиси 20 години подоцна, „пристапните процеси станаа сè покомплексни и понапорни, а визијата стана матна, избледувајќи во очите на фрустрираните и разочарани граѓани“.

„ЕУ постојано зборува за конкретна посветеност на Западен Балкан и очекува целосно исполнување на поставените услови и реформи. Сепак, регионот ова го толкува како замор од проширувањето на ЕУ и постојано поместување на целите. Војната во Украина само го зголеми чувството дека фокусот на ЕУ се менува“, пишува Мицотакис.

Препорачува земјите членки на ЕУ треба да преземат храбар, но неопходен чекор за комплетирање на политичката визија од 2003 година, со поставување опиплива и временски ограничена перспектива за исполнување на ветувањето.

„Треба да изградиме доверба дека кога ЕУ поставува визија, има намера и капацитет да ја следи. (…) Но, мојата порака денес е јасна: во согласност со поставените критериуми, да понудиме интеграција на целиот Западен Балкан во ЕУ до 2033 година – амбициозен, но остварлив временски рок. Ова е одамна задоцнето.

И првиот чекор мора да биде одлука за две седмици во Брисел за деблокирање на патот на Северна Македонија и Албанија“, истакнува грчкиот премиер во колумната за „Политико“.