Мицотакис за железничката несреќа: Ја преземам одговорноста

Грчкиот премиер се извини за железничката несреќа во која загинаа 57 лица, вети дека ќе ги поправи долготрајните дефекти во железничкиот сектор и ќе обезбеди финансиска поддршка за семејствата на жртвите, пренесува Ројтерс.



„Сакам да упатам уште едно јавно извинување во име на оние кои ја водеа државата низ годините и пред се лично.

Ја преземам одговорноста“, изјави премиерот Киријакос Мицотакис.

Тој ги наведе приоритетите на неговата влада, кои вклучуваат транспарентна истрага за причините за несреќата и компензација за семејствата на жртвите.

Најави дека повеќе од 270 милиони евра ќе бидат инвестирани во железничката реформа и вети дека ќе ангажира повеќе персонал и ќе ја подобри безбедноста со инсталирање дигитални контролни системи на железничката мрежа до крајот на август.

„Заедно сме во овој процес“, рече Мицотакис, додавајќи дека младите и нивните родители имаат целосно право да бидат лути.

Сепак, премиерот исто така ги повика демонстрантите да не дозволат гневот да го подели општеството.

„Важно е да се даде простор на тагата и гневот. Но, не смееме да дозволиме ова да стане искра што ќе предизвика поделби“, порача Мицотакис.

Несреќата предизвика јавен гнев и протести против политичкиот систем кој постојано ги игнорираше повиците од железничките синдикати за инсталирање и одржување на дигитални безбедносни системи и ангажирање повеќе персонал.

Десетици илјади се собраа пред парламентот во Атина, Солун и други градови во Грција на најголемите улични демонстрации од 2019 година.