Премиерот Киријакос Мицотакис вчера се извини за слабостите на владата во одговорот на пожарите. Тој притоа рече дека одобрил дополнителен буџет од 500 милиони евра за помош и надомест за луѓето што загубиле имот во пожарите.
„Се извинувам за загубите“, рече Мицотакис во телевизиско обраќање, додавајќи: „Оние што загубија домови и имот ќе бидат обештетени. Опожарените области ќе се пошумуваат“.
Мицотакис прецизира дека владините служби морале да се справат со 586 пожари „на сите страни во Грција“ во услови на топлотен бран.
Тој им се заблагодари на земјите што испратија помош и на многуте доброволци кои помогнаа во напорите за гаснење пожар. Мицотакис исто така најави дека евентуалните пропусти ќе бидат испитани.
„Климатската криза тропа на вратата на целата планета“, заклучи тој. Панелот на Обединетите нации за климатски промени вчера предупреди дека светот е опасно близу до глобалното затоплување.
Во јуни, грчкото Министерство за цивилна заштита објави план за заштита од пожари вреден 1,7 милијарди евра, финансиран главно од Европската инвестициска банка и Европската унија, кој вклучува замена на старите противпожарни авиони Канадер и ангажирање на противпожарна служба.
Во саботата, Акис Скертсос, висок владин функционер, одговори на критиките за тоа дека владата не сторила доволно, објавувајќи бројки што покажуваат дека Грција е многу понапред од другите медитерански земји по бројот на противпожарни авиони.





