Грција ќе се обиде да го блокира потенцијалниот бран авганистански баратели на азил кои бегаат од Талибанците и ќе ѝ треба повеќе помош од Европската унија околу мигрантските прашања, изјави денеска премиерот Кирјакос Мицотакис, пренесува Ројтерс.



Грчкиот премиер вели дека не е прифатливо некои европски држави да сметаат дека Грција треба сама да го реши овој проблем и дека тоа воопшто не ги засега, додека ги држат нивните граници „цврсто и херметички затворени“.

Ројтерс потсетува дека постои стравување по преземањето на власта од страна на Талибанците да се повтори сценариото од 2015 година, кога речиси милион Сиријци, Иранци и Авганистанци избегаа во Европа преминувајќи од Турција во Грција.

Мицотакис рече дека грчката влада доби солидарност од ЕУ во вид на финансиска помош, но, како што наведе, Грција е таа што ја работи својата работа кога станува збор за крајбрежната стража, полицијата и вооружените сили.

Грција подигна ограда долга 40 километри во регионот Еврос, на границата со Турција и објави тендери за изградба на објекти за мигранти кои ќе се наоѓаат на островите во близина на Турција, за што доби критики од групите за човекови права , потсетува Ројтерс.