Политичкиот аналитичар и колумнист Ивор Мицковски го коментира новиот „подход“ во односите со Бугарија.



„Да ги резимираме во кратки црти ‘рестартираните’ односи со Бугарија.

Ние праќаме нота до ОН и објаснуваме дека немаме територијални претензии.

Ние треба да отвориме и смениме Устав за Бугарите да влезат, но ако тоа ве мачи, не се секирајте, оти тоа го барале и Хрватите и Црногорците.

Ние не смееме да споменуваме македонско малцинство и за тоа не смееме да дискутираме.

Нашиот претседател не смее да прими бугарски граѓани кои се самодекларираат како Македонци.

Тие смееат да финансираат бугарски партии во Македонија и здруженија кои лажно ќе декларираат малцинство од стотици илјади Бугари.

Ние треба да се откажеме од нашата историја и објективната историографија, а тие ќе си ја ревидираат сопствената срамна историја.

Ние ќе чистиме и бришеме споменици на наши жртви за независност и антифашистичка борба, а тие ќе положуваат цвеќе и на свои, и на наши споменици.

Ние ќе прифатиме дека постоиме од 45-та и дека нашиот јазик е комунистички конструкт.

Тие ќе кажуваат што смееме да кажеме и правиме, што е говор на омраза, што е наша историја, каков е нашиот јазик, култура и обичаи.

Ние треба се ова да го проголтаме за само да добиеме датум за преговори, за потоа да можат во секој момент да нè блокираат за влез во ЕУ.

И овој процес го водат кај нас и припадници на други етнички заедници кои во минатото за своите права со оружје ја нападнаа државата, на кои не им е гајле за погледите на Македонците, а да беа загрозени и ставени под ревизија нивните идентитески и јазични атрибути, посебности и историја, верувам ќе го дигнеа Балканот во воздух.

И сè ова се рекламира како дијалог, каде под тоа веројатно се подразбира Бугарија да диктира услови, а ние да ги прифаќаме.

Офуцаната пропаганда на властите е истата од овие 5 години, која заработува или добива функции за поддршка на оваа не(државна) линија, која промовира беден постисторицизам и секој што мисли поинаку го обвинува за хистеричен националист или квазипатриот.

На крај, работите се јасни: 5+1 или 4+1 договорот од наша страна е прифатен, сега се тепаме да ја убедиме бугарската политика и општество“, заклучува Мицковски.