Утре е нов ден, 01 октомври, а реалните проблеми остануваат за решавање. Власта го изгуби легитимитетот и единствено што преостанува е да ја почитува волјата на народот, бидејќи народот е најголем репрезент и најзначајниот фактор, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата по завршувањето на гласањето.
„Македонија денеска кажа, соопшти, дека договорот не поминува. Имаме длабоко неуспешен референдум. Политиката на владата и Зоран Заев доживеа дебакл, а денес Македонија вистински победи. Бројот на граѓани кои не дадоа поддршка на овој срамен договор е драстично поголем од оние граѓани кои гласаа за договорот“, рече Мицкоски.
Мицкоски не излезе со став на партијата за наредните чекори на партијата и евентуалните предвремени избори кои ги најави Заев.
„Колку и да се обидува да глуми Заев некаков си лажен триумфализам и да се удира во гради говорејќи за избори“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,„смрштениот израз на лицето кажува дека потонале сите бродови, а богами и тендерите“.
„Ќе дојде време да одговарате за малтретирањето на народот, ќе одговарате и за наполнетите кутии во Сарај, Струга, и на други места каде пробавте да ја фалсификувавте волјата на народот и ќе дојде часот кога ќе треба да објасните зошто минатите избори имаше 45% излезеност, а сега фантастични 95%“, убеден е Мицкоски.





