Мицковски до министерката за култура: Нашите предци да беа попустливи како вас, немаше да имаме 11 Октомври за славење

Аналитичарот и поранешен партиски функционер на СДСМ, Ивор Мицковски, ја прогласи за „победник во серијата глупи изјави“ таа на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска за 11 Октомври.



„Од серијата глупи изјави на органите на власта и функционерите, како лично биле погодени од отворањето на фашистичките клубови, ама институционално ништо не можеле, победник повторно е министерката за култура: ‘Ревносно да го славиме 11 Октомври и да не даваме значење на провокациите што се случуваат во нашата држава’.

Ајде бе, да земеме зурли и тапани и да врискаме.

Пак не разбирате, дали од личен интерес или од глупоќа, дека нашите предци да се однесувале соработнички и попустливо како вас, немаше никогаш да имаме 11 Октомври за славење.

Престанете со празни фрази и изигрување навреденост и преземете одговорност и потези. Не може вечно да се држите на власт со ботови и надворешна поддршка“, ѝ порача Мицковски на министерката што пред да стане тоа се „прослави“ како пратеничка што гласаше во Собранието со скафандер болна од Ковид-19.