„..Она што е добро коешто ги поврзува македонските граѓани и граѓаните на Бугарија го поддржуваме, она што е спротивно на интересите на македонските граѓани и на Македонија ние не можеме да го поддржиме, како што е прашањето поврзано со македонскиот јазик, ликот и делото на Гоце Делчев … рече Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање каков е неговиот став за договорот на Македонија со Бугарија по вчерашната средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Тој додаде дека со Борисов имале конструктивна средба, разговарале за изградба на автопатишта, железничка пруга, железничко, енергетско поврзување, продлабочување на научната соработка помеѓу универзитетите од двете држави, разговарал за побрзо интензивирање и отворање на граничниот прекин „Клепало“. И, како што рече Мицкоски, сето она коешто значи добро и за граѓаните на Македонија и за граѓаните на Бугарија.
„Истовремено на средбата стана збор и за онаа Резолуција којашто се однесува на негирање на посебноста на македонскиот јазик, ликот и делото на Гоце Делчев и тоа не е добро и тоа не можам да го поддржам и никогаш нема да го поддржам. Македонскиот јазик е кодифициран и меѓународно признат во 1977 година, тука немаме дилеми ниту пак јас, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ“.
Мицкоски рече дека „забележлива е нервозата кај владата во заминување, кај премиерот во заминување господинот Заев па потрчаа оние скапо платени пи-ар пера да ја искриват вистината и практично лажни вести да рефлектираат во македонската јавност: Она кое што е важно е дека и оваа лажна вест им се распрсна како меур од сапуница.
Тие нека продолжат да измислуваат лажни вести, а ние ќе продолжиме да работиме“, рече Мицкоски, пренесува Плусинфо.





