Мицкоски: Струјата ќе поскапи над 18 проценти?

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека, според неговите пресметки и очекувања, струјата наскоро би можела да поскапи за 18,5 отсто.



Според претседателот на најголемата опозициска партија, Регулаторната комисија за енергетика во својот дел на овластвања ќе допушти зголемување на сметките за електрична енергија за 2,5 отсто, додека останатите 16 проценти ќе се должат на поскапата струја што ќе му ја понуди АД ЕСМ на ЕВН Хоме како на универзален снабдувач.

Мицкоски очекува промена на цената од јули, а АД ЕСМ, како што вели тој, поради лошото работење е принуден да ја поскапи струјата, бидејќи во спротивно ќе треба да прогласи банкрот.

„Минатата година, според податоците кои ги поседуваме, АД ЕСМ ја завршила 2020 со загуба од минус 16.8 милиони евра. Според сознанијата, струјата што ќе му ја продаде на ЕВН Хоме ќе биде поскапена од сегашните 38 на 55 до 58 евра за мегават час“, рече Мицкоски, пренесе Фактор.