„Ние бараме да се формира комисија да види каде отидоа до сега 15 милиони евра. Апсолутно е непринципиелно едни обвинители да земаат три пати поголема плата од други обвинители, и верувам дека има капацитети и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал.



Зошто не и кажете на граѓаните дека вас СЈО ви треба за дополнителен притисок врз опозицијата”, праша вечерва во ТВ дебатата во „Само вистина“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со преммиерот Заев.

Премиерот одговори дека постојат институции кои се надлежни да истражат дали се работи согласно закон и тоа не треба да биде изговор за да ја блокираме државата.

За иднината на СЈО, Заев рече дека не се откажува од СЈО.

„Непоправлив оптимист сум и не се откажувам ниту од СЈО, ниту од Катица Јанева, Ниту од Артан Ајро, ниту од Трајче Пеливанов. СЈО треба да се искористи и треба да имаат комплетно финансиски средства . Ќе сторам се и верувам дека треба да направиме се со консензус да го изгласаме Законот за јавно обвинителство“.

Заев го запраша Мицкоски дали тој и неговата партија имаат намера да го блокираат законот, на што Мицкоски реплицираше дека треба да се прифатат амандманите на опозицијата, а дека доколку законот е толку значаен зошто не стигнал во Собрание во декември.