Мицкоски побара предвремени парламентарни избори – веднаш

Во овој момент најдобро решение за Македонија е, без одлагање брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат цврста и стабилна влада за решавање на актуелните проблеми и вадење на Македонија од кризата во која ова корумпирана влада ја втурна, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски .



„Брзи избори со почитување на уставните и законски рокови. Изборите се светло на крајот од тунелот“, рече Мицкоски.
„Оваа влада го има целосно изгубено кредибилитетот и легитимитетот и секое понатамошно продолжување на нивната работа ќе значи нефункционални институции, дополнителни порази, значи продолжување на корупцијата, дополнителен криминал“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање што ќе преземе ВМРО-ДПМНЕ, кога владејачкото мнозинство порача дека не е време за предвремени избори.

„Јасно дека Зоран Заев дури и да си поднесе оставка, министрите ќе продолжат да го преставуваат неговиот корумпиран систем кој на овие избори доживеа на два пати неуспех, два пати беше поразен. Дури и Зоран Заев да си оди, но владата да остане, Венко Филипче и понатаму ќе биде неуспешен министер кој што е рекордер по бројот на луѓе кои што ја изгубија битката со КОВИД пандемијата, Љупче Николовски и понатаму ќе биде нефункционален министер, а Македонија најкриминална и најкорумпирана држава во Европа, Мила Царовска и понатаму ќе продолжи да го уништува образованието, а Македонија ќе нема ниту еден универзитет во првите 2.000 според Шангајската лист, и така натаму, можам да ги редам сите неуспеси и сите неуспешни министри во оваа криминална влада која што до скоро ја предводеше и се уште Зоран Заев. На крајот и самиот Зоран Заев ја стави во влог неговата кариера, а самите локални избори се доживеаја како референдум за актуелната влада, и народот жестоко ги казни“, изјави Мицкоски.

Тој предупреди дека доколку владата не ја прифати подадената рака за предвремени избори, тогаш сите проблеми со кои се соочува државата, како енергетската криза, лошата економија, грешките во образованието и другите проблеми ќе бидат на товар исклучиво на оваа влада.