Како партија имавме став дека според нас оваа статистичка операција е некомплетен, односно ја гледаме како незавршена и токму една од потребите за промена во владата е токму и таа за спроведување на попис каков што треба да биде, по електронски начин и точно да знаеме овие 132.000 наши сограѓани на кој народ му припаѓаат. Иако и сега е видливо, јасно е дека најголем дел од нив, можеби повеќе од 90тина проценти се дел од македонскиот народ но поради определени причини не се изјасниле и јас ги разбирам, ги разбирам нивните чувства и ја почитувам нивната одлука да не се изјаснат на овој попис. Доколку нормално се изјаснеа можеби бројките ќе беа поразлични, соодносот на националностите, на македонскиот народ кој што е дел од овој попис, од оваа статистичка операција ќе беше поинаков – изјави во емисијата „Што не е јасно“ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека уште од почеток имале многу забелешки за оваа статистичка операција, но оној заклучок кој што можат да го кажат покрај фактот дека таа е некомплетна, е дека огромно мнозинство, повеќе од 90 проценти од тие кои што се неизјаснети се дел од македонскиот народ според општините каде што тие се наоѓаат.
Тој како следен заклучок што го извлече е тоа дека Македонија се депопулира, односно дека се намалува бројот на резиденти во Македонија, речиси повеќе од 10% споредено со претходниот попис и тоа, како што рече Мицкоски е поразителен факт за сите политички елити и политичари кои изминативе 20 години функционираа на политичката сцена.





