Реформата во ВМРО-ДПМНЕ заврши, изјави вчера претседателот на партијата Христијан Мицкоски најавувајќи дека за разлика од СДСМ каде кандидатите за градоначалници се стари ликови тој и партијата на локалните избори ќе номинираат нови лица.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на одбележување на роденденот на Општинскиот комитет на партијата во Битола најави дека од кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ ќе има само неколкумина кои веќе биле во трка за локална власт.
Предходно СДСМ потврди кандидатури за триесетина општини каде речиси сите се стари ликови во политиката.
За време на настанот, присутните новинари го прашаа Мицкоски и за кандидатите на партијата за претстојните локални избори на есен.
„Тие заборавија на старите ветувања а веќе ги гледаме нови ветувања даваат. Навистина жалам што владејачкото мнозинство изминативе четири години па и локалната управа во наша Македонија не успеа да привлече, да магнетизира нови свежи луѓе со нови свежи идеи, туку се потпираат на старите корумирани градоначалници и очекувам една голема победа на ВМРО-ДПМНЕ на следните локални избори. За разлика од нив, ние излегуваме со комплетно нова структура на градоначалници. Повеќе од 95% од имињата ќе бидат луѓе кои за прв пат ќе ја бараат довербата на граѓаните“,
изјави Мицкоски.
Според лидерот на најголемата опозициска партија, новите имиња за градоначалници всушност го комплетираат циклусот на реформи во партијата.
„Имаме нова пратеничка група. Имаме нова структура на кандидати за градоначалници. Можам да кажам дека процесот на реформа во ВМРО-ДПМНЕ заврши. Почнуваме со реформа во Македонија. Реформа, Македонија е она што го заслужува. А според мене патриотизмот во 21 век е луѓе коишто ќе работат чесно, честито и за тоа ќе зборуваме малку повеќе на роденденот“
изјави Христијан Мицкоски од Битола.






