Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека на средбите што ги имал со претставници на меѓународната заедница, на кои се зборувало за уставните измени, тој не добил аргумент дека неговата и позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е позиција на инаетење.
„Секоја порака на наш стратешки пријател јас ја слушам, детално ја анализирам и, ако конкретно ме прашувате, со господинот Марфи не успеав да се видам, тој се виде со некои од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ми е пренесено што е разговарано на таа 30-минутна средба, рече Мицкоски во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, прашан како ги толкува пораките од германскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Емануел Сарацин, и американскиот сенатор Крис Марфи.
Рече дека со Сарацин имал можност неколкупати да разговара.
„Верувајте ми, досега немам слушнато аргумент со кој ќе можат да ме убедат дека јас ова што го зборувам е инаетење, своеглавие и дека на овој начин јас, практично, можам да кажам, да го променам ставот на која било влада, дали германската или американската, поврзан со ориентацијата на Македонија.
Ако е проблем да си го бранам мојот идентитет и ако е проблем да се борам за мојот народ, тогаш очекувам малку повеќе симпатија од истите овие луѓе, од истите овие сојузници, кон овој народ кој толку многу дал за тие европски вредности повеќе од три децении. Малку повеќе симпатии и малку повеќе време од тие четири часа поминати во Македонија“,рече Мицкоски во интервјуто за „360 степени.







