На крајот од кампањата за предвремените парламентарни избори што се закажани за 15 јули, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати со „Писмо од Македонија“ во кое порачува:



„Кус е периодот во кој можевте да ме запознаете, да стекнете впечаток за мене и за она што го преставувам и за што се залагам. Знам дека политичарите кои добро ги познавате, силно ве разочарале. И не ви велам безрезервно да ми верувате, но тврдам дека од вашата одлука зависи дали ќе заминат тие кои ве разочарале, и поради кои со право се чувствувате резигнирано кон политиката, или ќе продолжи оваа неподнослива и грда реалност. Вашиот глас ги менува работите. Со негласање им давате право на оние кои ве разочарале да продолжат тоа да го прават. Вашиот глас, пак, ни дава шанса нам, новата генерација политичари, политичари без хипотеки, да ги менуваме работите. Нам ни треба држава и власт која ќе ви служи вам.

И нема идеална влада. Јас не ви ветувам чуда, но ви давам збор дека ќе работиме макотрпно и дека сигурно ќе бидеме подобри од оние што сте ги гледале досега. Зашто ниеден успех не дошол без труд и многу пот, многу откажувања и упорност. И не е коцкање ако изберете некој непознат кој ветува успех, но е прокоцкување на сопствената иднина кога му давате втора шанса на некој кој продолжува да губи и да ве разочарува“, пишува Мицкоски.

Тој им порачува на граѓаните дека „постојат стотици причини зошто да не гласаат за власта“, и додава дека им дава „неколку силни причини зошто треба да гласаат за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.

„Мора да си ја обновиме земјата, економски, политички и општествено. Принципите и вредностите да станат начело по кое ќе се раководат политичарите. Потребни се пари за народот, а тоа ќе овозможи подобра иднина, остварување на соништата за силна држава. Запрашајте се добро кому би му дале да ја изгради вашата куќа? На оној кој само ви ветува дека ќе ја изгради најубаво, а никогаш не ставил тула, или, пак, на оној кој знаете дека работи и вистински е подготвен за најдобрите резултати. Не смееме да се помириме со просечноста, туку мора да работиме за најдобри резултати во секое поле.

Триесетина години, од независноста до денес, лојални сте кон Македонија, време е таа сега да ви врати“, се наведува во писмото.  

Мицкоски се обврзува дека ќе донесе подобрувања во првите сто дена од новата влада за работниците, невработените, пензионерите, земјоделците, стопанствениците, младите…на кои им порачува дека заедно ќе ја направат Македонија членка на ЕУ.

„Ви ветувам дека ќе се борам за правда, а тоа значи за ред, права, но и одговорност. Не смееме да дозволиме пред криминалот да се замижува, а криминалците да поминат неказнето. Сите сме еднакви пред законите. Пред словото на правдата ниту моето ниту името на кој било политичар не смее да значи повеќе од чие било друго име“, вели тој. Додавајќи дека ова е последната шанса за спас на Македонија.