Христијан Мицкоски, вели дека вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков за поместување на ветото за преговорите со ЕУ, значи дека билатералните проблеми би влегле во преговарачката рамка.
Петков: Нема да го укинеме туку ќе го поместиме ветото за Македонија
Бугарскиот премиер предвидува Македонија да не влезе во ЕУ во следните 10 години
„Ако прецизно ја читате таа изјава ќе видите дека тоа што тој го зборува, го зборуваме ние како ВМРО-ДПМНЕ и јас лично месеци наназад, а тоа е дека нашите билатерални проблеми и сите барања што ги има официјална Софија ќе влезат во преговарачката рамка. Што значи дека или ќе се асимилираме односно ќе се бугаризираме и како такви ќе влеземе во ЕУ или нема за нас ЕУ и покрај тоа што ќе се случи таа прва меѓувладина конференција“, изјави денеска Мицкоски.
Меѓутоа, тој вели дека е убеден дека земјите-членки нема да дозволат да се случи билатералните проблеми помеѓу Скопје и Софија да станат проблем на целата ЕУ.
„Но, јас сум убеден дека земјите-членки нема да го дозволат тоа бидејќи многу пати во минатото истите тие земји-членки кажаа дека билатералните проблеми се само билатерални и тие никако не може да бидат мултилатерални односно проблеми на земјите-членки на ЕУ со земјите кои се кандидати.
Така што, ако тоа се случи и ако оваа Влада стави потпис на тој документ треба граѓаните во Македонија да знаат дека да, можеби ќе се случи таа прва меѓувладина конференција, но преговорите никогаш нема да почнат сè додека ние не прифатиме да се асимилираме и како Бугари да влеземе во рамки на ЕУ и да го прифатиме сето она што е содржано во резолуцијата на бугарскиот парламент од ноември 2019“, рече Мицкоски.






