Мицкоски не бара лидерска средба бидејќи Заев му е мил, туку за да се спречи катастрофата

Јас барам лидерска средба не затоа што Заев ми е мил туку затоа што мораме да ја надминеме катастрофата со кризата, порача денеска од протестот на опозицијата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.



На настанот организиран пред собранието Мицкоски оцени дека “Магарешката влада на Заев е најнеуспешната, ако мислевме дека транзицијата е најтемниот период, не разубедија дека од лошото има и полошо”.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека кога власта сака да дефокусира, лаже дека опозицијата нема став, но владата е таа која нема решение за ниту еден проблем на народот.

Македонија мора да ги почне преговорите со ЕУ, зашто и ВМРО-ДПМНЕ е формирано за таа европска иднина, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на протестот пред Собранието.

„Македонија даде илајдници жртви против фашизмот и крвавиот дел во комунизмот. Да не се заборави ниту пак улогата кога се распаѓаше Југославија, бегалците на кои им отворивме вратите. Македонија е браникот преку кој се бранеше Европа од мигрантските бранови кои сè уште се закана. Македонија дала и секогаш дава за Европа. Нашиот народ е секогаш прозападен. Сега, Европа треба да му врати на овој народ, преговорите да почнат безусловно и веднаш“, рече Мицкоски.

Тој испрати и порака до Бугарија и им порача дека сигурно и тие не сакаат да имаат понижени соседи.

„Доколку биде прифатено дека Гоце Делчев во регионална смисла е Македонец, а по нација Бугарин, а нашиот јазик е лингвистичка форма на бугарскиот, тоа ќе значи асимилација на македонската нација и сериозен удар врз државата. Ако оваа Влада го прифати тоа, следната предводена од ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го поништи“, рече Мицкоски.

Тој го критикуваше и на начионот на справување на власта со коронакризата, но ја потенцираше и корупцијата во власта.

Протестот почна од две собирни точки во Скопје, СЦ Борис Трајковски и СЦ Јане Сандански и заврши пред Собранието, каде што Мицкоски одржа говор.

По говорот протестот со автомобили продолжи од Скопје до Штип преку автопатот Гоце Делчев, а во Штип ќе заврши пред Учителската школа каде своевремено учители биле Гоце Делчев и Дамјан Груев.