Мицкоски му фрли ракавица на Заев со повисоки плати, пензии и инвестиции

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски денеска како програма на ВМРО-ДПМНЕ ако направи влада најави повисоки плати и пензии, пониски даноци и 4 милијарди евра инвестиции



Мицкоски најави повисоки просечни плати за 25%, пензии за 20%, инвестиции, пониски даноци и 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за еден мандат.

„Се обврзуваме за обнова која ќе овозможи зголемување на просечна плата во државата за минимум 25% во еден мандат. Ќе пораснат платите за минимум 25% во следните 4 години. Тоа ќе значи повеќе пари за работниците или во просек за 6.500 денари повеќе од платата која што ќе биде исплатена просечна во државата во декември месец 2019-тата година. Ќе се бориме жилаво за силен економски стандард за секој еден работник. Се обврзуваме за обнова која ќе овозможи зголемување на просечната пензија на пензионерите за минимум 20% во еден мандат или тоа ќе значи повеќе од 3.000 денари повеќе за секој еден пензионер. За повеќе пари, за повеќе достоинство на пензионерите. За мирен живот се обврзуваме во првите 100 дена Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да го промени Законот за пензиско и инвалидско осигурување и согласно новото законско решение пензиите ќе се прилагодуваат во двата основа, порастот на трошоците за живот и со просечниот раст на нето платите“, вети Мицкоски и најави најави ниво на невработеност под 10 проценти.

„Во однос на невработеноста, тука нема да има пораст. Туку драстично ќе ја намалиме. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе Невработеност под 10% – едноцифрена невработеност. Повеќе работни места, повеќе среќни лица, повеќе работа за младите, повеќе работа за способните, повеќе работа за стручните. Под 10 проценти невработеност за помала сиромаштија и решавање на проблемите. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе повеќе работа за младите, 0% персонален данок за млади до 29 години. Ова ќе значи ослободување од персонален данок за вработување на млади до 29 години кој имаат годишен нето приход до 6.5 илјади евра. Младите да имаат шанса тука да ја градат иднината. Дополнително, преку градење на модерна иновациска инфраструктура која подразбира отворање на иновациски центри, бизнис инкубатори и акцелератори, научни и технолошки паркови ќе им овозможиме на младите и креативните луѓе целосна поддршка во реализација на нивните бизнис идеи. Ние сме силно убедени дека Македонија има млади талентирани луѓе кои имаат силни претприемачки и иновативни идеи и затоа ќе работиме на создавање најповолни услови за искористување на нивниот потенцијал“, истакна тој.

Според најавите ако победи ВМРО-ДПМНЕ за стопaнството, бизнисот и граѓаните ќе има повеќе пари.

„Ќе паѓаат даноците, а тоа значи повеќе пари за стопанството и граѓаните. Целосно ќе го напуштиме концептот на прогресивен данок и ќе воведеме рамен данок до 8%. Ќе стартуваме од 10%, од кој за 1% ќе имаме намалување во првите 100 дена, што значи рамен данок од 10 на 9%, а во период од две години уште за дополнителен еден процент ќе дојдеме на 8%“, смета Мицкоски кој вети дека најавените проекти ќе донесат 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за само еден мандат.