Мицкоски: „Ковачевски е домазет во својата влада“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната трибина во Струмица рече дека вои тој град „кастата на власт си има бизнис империја, свое бизнис лоби, но и си има влада во Скопје, со која сега за сега официјално раководи Димитар Ковачевски.



Овој човек драги пријатели, еден соработник ми вели дека е домазет во својата влада. Човекот не одлучува за ништо освен за своите бизниси веројатно одлучува само тогаш кога ќе треба како премиер да си продаде државно земјиште по едно евро, кога треба да потпише ново предавство, кога треба да направи некоја отстапка на штета на Македонија, а за се останато се става во улога на подизведувач на главната корпорација во владата, а тоа Али Ахмети и ДУИ“, рече Мицкоски, пренесе ТВ21.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ „ДУИ, благодарение на помалиот коалиционен партнер во случајот СДСМ е политичката партија која нема интерес Македонија да се развива, која нема интерес Али Ахмети да ја види Македонија вистински европска држава со силно здравство, со високо образование, квалитетно и еден универзитет во првите 500 листа на Шангајската листа, со силна економија каде што ќе има инвестиции домашни и странски“.

Мицкоски уште истакна дека уставните измени кои експертите на Владата ги тераат се во насока на бинационална држава, а тоа Владата не го демантираше.

„Редефинирањето на Преамбулата на Уставот би бил еден вид национално предавство на оваа Влада која би ја фрлила државата на колена. Предупредувам, Ковачевски да не си игра играчки со уставните измени со кој ќе ја редифинира Македонија во бинационална држава, да престане да исполнува концесии кон ДУИ, затоа што плаќа прескапа цена за власта која ја има“, рече Мицкоски.