Мицкоски контра Ковачевски: Буџетот не е развоен, а енергетската криза се решава со криминални тендери

Проектираниот буџет за 2023 година не е развоен туку инфлаторен, а справувањето со енергетската криза се подразбира преку тендери во четири очи, реагира претседателот на ВМРО–ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Наспроти фалбите на Премиерот Ковачевски во интервју за државната информативна агенција, дека Владата скроила буџет кој ќе одговори на кризата и ќе придонесе за економски раст, Мицкоски реагира дека приходите во буџетот ќе се собираат преку дополнително осиромашување на граѓаните.



– Првата поента е кога вели дека ова е развоен буџет, ова не е развоен ова е инфлаторен затоа што основата на неговото димензионирање е инфлација. Тие велат ќе имаме зголемени буџетски приходи поради зголемена инфлација и таа ја проектираат на ниво од 7,1 проценти што значи дека сиромашните граѓани дополнително ќе ги осиромашуваат и преку даноци ќе прибораат за нетранспарентно трошење, вели Мицкоски.

Различните проекции на Премиерот и Министерот за финансии за растот на БДП е огромна грешка која кога ќе ја претворите во пари чини 100ци милиони евра, додава Мицкоски. Според лидерот на опозицијата, власта потфрлила во справувањето со енергетската криза, а набавката на енергенси се одвива преку тендери во четири очи.

– Трансферите и дотациите кон општинити кои велат дека ќе се случат и тоа е голема лага, еве гледате од искуство кои се што значи тоа опструкции, притисоци, закани се се прави да се спречи развојот каде има градоначалници од ВМРО – ДПМНЕ. Справувањето со енергетската криза се подразбира преку тендери во четири очи за набавка на јаглен, трансфер на мазут и авансно херојско плаќање на фактурите за електрична енергија, додава Мицкоски.

Предлог буџетот кој се уште е на амандманска расправа е историски највисок и со рекордно задолжување. Сепак, од Владата постојано тврдат дека скроиле Буџет кој е развоен, а и во ова интервју Премиерот уште еднаш повтори дека државната каса била скроена за справување со кризата, ќе се придонесело за економски раст, стабилност и ликвидност на компаниите.

– Буџетската каса за следната година е проектирана така да може да обезбеди стабилност, сигурност, економски раст, заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите во услови на криза.Гледано во износи, Предлог-буџетот за 2023 година има за цел да одговори на тековната криза, со 250 милиони евра директно наменети за справување со истата. Но, тој има за цел и да ја стимулира економијата, за да понатаму се постигнат посакуваните и потребни стапки од 5 проценти економски раст, вели премиерот Ковачевски.

Од Владата постојано тврдат дека ниту еден граѓанин нема да остане сам во кризата, а тоа дека ќе има храна, греење и струја за сите стана нивно мото. Ковачевски и сега повторно ги утеши граѓаните дека никој немало да биде оставен сам да се справува со економско – енергетската криза.

Уште еднаш се пофали дека Владата донела два пакети од антикризни мерки , иако вториот пакет за помош опфаќа само 42.000 граѓани од најранливите категории кои ќе добиваат скромни 3000 денари месечно во наредните четири месеци, а предвидени се средства и за пензионерите кои земат пензија до 14.000 денари месечно.