Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при денешната посета во Штип рече дека претседателот на СОНК, Јаким Неделков, станал коалиционен партнер на власта по ставањето на штрајкот на просветните работници во мирување. Тоа, според првиот човек на најголемата опозициска партија, покажува дека синдикалниот лидер не е под влијание на ВМРО-ДПМНЕ.
– Најпрвин велеа пионот Јаким Неделков на Мицкоски, на ВМРО-ДПМНЕ, па потоа откако гледам дека Јаким Неделков сега стана нивен добар коалиционен партнер, он си знае зошто и како, се завртеа спротивно на интересите на наставниците па почнаа нив да ги навредуваат и да велат – дека тие биле што сакале да предизвикаат криза, да имало избори за ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Додаде дека неговиот избор секогаш ќе бидат наставниците наспроти, како што вели тој, корумпираната влада.
-.Велат сето било организирано од ВМРО-ДПМНЕ за да падне Владата. Еве и да падне, ако е добра, ќе победи на избори. Но, грчевито се борат за своите фотелји и привилегии. Тие во Владата се тие што треба да изберат каков крај ќе имаат – достоинствен или недостоинствен, заклучи Мицкоски.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вчера по итниот состанок на Советот на СОНК, на прес конференција соопшти дека штрајкот на вработените во образованието го ставаат во мирување.





