Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, си замина од лидерската средба еден час по нејзиниот почеток, барајќи нова во најскоро време, најдоцна до понеделник, која би била во стариот формат со лидерите на четири партии.
Нарекувајќи го „таканаречена лидерска средба“ состанокот во Клубот на пратеници, лидерот на опозицијата изрази револт од проширениот состав со присуството на претставници на повеќе партии.
Тој ги реафирмира барањата на неговата партија за донесување на законот за финансирање на партиите и за техничка влада 100 дена пред изборите, па дури потоа да се разговара на нов состав на Државна изборна комисија.
Мицкоски го нарече скандалозно туркањето од Владата на Изборниот законик, кој предвидува просто наместо двотретинско мнозинство за формирање на ДИК, како и евентуалното донесување без присуство на опозицијата.
„Се надевам дека ќе преовладува разумот и мудроста во редовите на Владата и во најскоро време, Претседателот на Владата ќе организира ваква средба на која што ќе можеме отворено да дискутираме на начинот на кој што ќе биде избран составот на ДИК“, изјави тој.
Средбата продолжи и по излегувањето на Мицкоски.





